Назад кон блогот

1 година постоење на Phones.mk! 🎉

Кои се најпопуларните брендови, модели и продавници на мобилни уреди во Македонија?

Во декември Phones.mk го прослави својот прв роденден! 🥳 Проектот кој го започна своето постоење во 2020-та како дипломска работа на еден студент на ФИНКИ, денес е прераснат во главното место за споредба на цените на паметните уреди и за наоѓање на најдобрите понуди во македонските продавници.

Низ последната година, Phones.mk забележа постојан раст на посетители и корисници на сајтот, и денес може да се пофали со над 5000 месечни активни корисници! 📈

Бројот на месечни посетители кои дошле на Phones.mk преку од веб пребарувач (пр. Google).

По тој повод, во овој блог пост ќе разгледаме неколку интересни статистики извлечени од корисниците на сајтот, со цел да добиеме идеја кои брендови, модели и продавници на мобилни уреди беа најпопуларни на македонскиот пазар минатава година.

Најпопуларни брендови

Процент од сите прегледи на Phones.mk за мобилни уреди, групирани според бренд.

Во светот на мобилните телефони, два брендови убедливо го доминираат македонскиот пазар според својата популарност, а тоа се: Samsung (31.6%) и Xiaomi (27.6%).

Комбинирано, овие 2 брендови се заслужни за безмалку 60% од сите прегледи на Phones.mk. Ова и не е некакво изненадување со оглед на тоа што Android телефоните се најпопуларни на нашиот пазар, а овие 2 брендови се светски лидери во таа категорија.

На трето и четврто место стабилно се зацементирани Apple (12.8%) и Huawei (8.4%) соодветно, додека за петтата позиција се борат брендовите Oneplus (2.7%) и Motorola (2.5%) со минимална разлика помеѓу нив.

Во категоријата на таблети, Samsung (23.7%) повторно ја има честа да биде прогласен како најпопуларен бренд, проследен од брендовите Apple (17.5%), Lenovo (14.2%) и Huawei (10.4%). На петтата и шестата позиција, со големо заостанување следат брендовите Amazon (3.9%) и Microsoft (3.4%).

Кај паметните часовници, со голема предност пред другите, на првата позиција се наоѓа Xiaomi (26.2%). После нив доаѓаат Samsung (13.1%), Huawei (11.6%), Apple (9.8%), North Edge (9.4%) и Garmin (6.6%).

Xiaomi нудат евтини часовници и алки со голем број опции и висок квалитет, па затоа и не е изненадување дека уживаат толкава предност пред конкуренцијата.

Најпопуларни модели

Изминатата година, далеку најпопуларен модел на мобилен телефон според бројот на прегледи беше Samsung Galaxy A12. Тој е дел од ниско-буџетната понуда на Samsung, и претставува одлична вредност за ниска цена. На второто место се најде Xiaomi Redmi Note 10 Pro кој е одлична средно-буџетна опција. Додека на третото место заврши Apple iPhone 12 кој ја претставува високо-буџетната категорија.

На листата на најпопуларните 10 покрај телефоните на Samsung се најдоа и неколку модели на Xiaomi, и 2 модели на Apple.

Кај таблетите пак, најпопуларни се покажаа моделите Samsung Galaxy Tab A7 и Apple iPad 8. Кои ги претставуваат средно-буџетните понуди на двата брендови.

Додека пак кај паметните часовници имаме потесна трка помеѓу модели од Apple, Xiaomi и Samsung, каде како најпопуларен модел се покажа Apple Watch Series 7. Паметните часовници од Apple веќе долго време се лидери во оваа категорија, па затоа ова и не е некое изненадување.

Најпопуларни продавници

Можеби најинтересна категорија за анализа е популарноста на продавниците индексирани на Phones.mk. Според бројот на кликови од Phones.mk, за првото место се борат продавниците Anhoch (14.3%) и Ledikom (14.0%). Веднаш зад нив ги следат Mobelix (12.8%), Setec (11.2%) и Neptun (10.4%). Додека останатите продавници заостануваат значително од оваа водечка петорка.

Што е следно за Phones.mk?

За крај, сакам да искажам благодарност за довербата и поддршката на сите корисници на Phones.mk. Континуираниот раст на посетите покажува дека сме на прав пат, но секако нема да застанеме тука.

Иако е прерано да се шпекулира како Phones.mk ќе се развива во 2022-та, во план се повеќе подобрувања и надградби на сајтот. Доколку сакате да сте во тек со сите новости, заследете нѐ на нашата Фејсбук страница.

Благодарам,
Давид Симеоновски